„Конечно место кое можам да го наречам свое“ | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

„Конечно место кое можам да го наречам свое“

Програма, ко-финансирана од ЕУ, обезбедува нов дом и живот за хрватски бегалец во Србија.

SCROLL DOWN

Мира Михајловиќ (43 г.), пораснала со својата мајка, татко и помлад брат во село во близина на Карловац, Хрватска. Имала среќно детство и, во средно училиште, учела туризам, а сонувала да стане туристички менаџер. Нејзиниот живот целосно се променил со почетокот на војната во 1995 г. кога Мира имала 17 години. „Беше ужасно; не знаевме како да реагираме, но инстинктот ни велеше дека треба да заминеме, да бегаме,“ вели таа.

Па, Мира и нејзиното семејство побегнале. На почетокот, се придружиле кон бегалски конвој затоа што немале сопствено возило; им помогнал сосед кој имал трактор. Но, им снемало бензин, па морале да пешачат неколку дена. Додека се пробивале низ шумата, братот на Мира, кој имал само 13 години, се изгубил, па морале да се вратат назад. За среќа, го нашле, но Мира вели дека нејзиниот брат имал проблеми и кошмари некое време потоа заради лошото искуство.

„Немав верба дека ќе ми помогнат за да добијам свој дом. Всушност, воопшто не верував.“

Мира Михајловиќ

Кога за првпат пристигнале во Србија, Мира и нејзиното семејство живееле во колективни центри за згрижување бегалци и работеле на полињата со пченка, чистеле куќи и цепеле дрва за да заработат за живот. По некое време, Мира се омажила, но бракот не бил успешен; па, две години подоцна се развела. Се вратила да живее со своето семејство. „Беше навистина мачно. Тешко се наоѓаше работа, а моравме да плаќаме кирија и да покриваме други трошоци,“ вели таа.

Повторно се отселила и, со својот мал син, се населила во селото Ратар, во близина на Обреновац. За среќа, нашла работа како хигиеничарка во училиштето во близина, но, сè уште било тешко да ја покрие киријата со својата плата.

Дознала од сосетка дека Регионалната програма за домување им помага на бегалци и луѓе кои ги напуштиле Хрватска и Босна и Херцеговина со проблемите за живеалиште. Одлучила да побара нивна помош иако била скептична дека би добила покрив над главата. „Немав верба дека ќе ми помогнат за да добијам свој дом. Всушност, воопшто не верував,“ вели таа.

Позитивна иднина на повидок

Регионалната програма за домување, чиј главен донатор е ЕУ, позитивно одговорила на барањето на Мира. Кажале дека можат да ѝ понудат стан или, пак, доколку поседува земја, проектот би ја поддржал во изградбата на куќа. Мира избрала трета опција преку која програмата ѝ помогнала да ја откупи куќата во која веќе живеела како потстанар.

„За првпат во мојот живот имам нешто свое. Навистина сум среќна и спокојна. Мирно заспивам навечер.“

Мира Михајловиќ

Кога, најпосле, ја купила куќата, нејзиниот живот коренито се изменил на подобро заради олеснувањето од товарот на киријата. Со поддршка на Католичката служба за помош, успеала да изгради и стакленик во градината каде што сади зеленчуци кои потоа ги продава на локалното пазарче за дополнителен приход. „За првпат во мојот живот имам нешто свое. Навистина сум среќна и спокојна. Мирно заспивам навечер,“ вели Мира.

Мира вели дека е оптимист за иднината. Дел од нејзините планови вклучуваат отворање мала продавничка во бараката во нејзината градина, затоа што во селото нема продавница; па, на тој начин, би можела да обезбеди средства за подобра иднина за својот син. Сега, кога најпосле ѝ тргнала среќата, верува дека може да добие дополнителна поддршка од донатори за нејзината замисла.

За проектот

Регионалната програма за домување е заедничка иницијатива на Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Србија. Програмата има за цел разрешување на ситуацијата со долготрајно раселување на најранливите бегалци и раселени лица по конфликтите меѓу 1991 и 1995 година во поранешна Југославија.

Врз основа на последните ветувања на меѓународната донаторска заедница, до крајот на 2022, Регионалната програма за домување би обезбедила трајно решение за домување на 11800 лица на најранливите семејства; односно 36000 лица во четирите партнерски држави. Целосната вредност на проектот изнесува 291 милион евра; од кои 237 милиони евра (80%) се финансирани од донатори на Регионалната програма за домување, а преостанатите 54 милиони евра (20%) доаѓаат од партнерските држави. Со 235 милиони евра, Европската Унија е главниот донатор на програмата.

 

Photo credits: Regional Housing Programme

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.