Фудбалскиот фестивал за девојчиња е многу повеќе од игра | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Фудбалскиот фестивал за девојчиња е многу повеќе од игра

24 Фев 2025

Фудбалскиот фестивал за девојчиња до 15 години се одржа во Сараево, од 24 до 26 јануари 2025 година. 

„По учеството на Фудбалскиот фестивал за девојчиња, почувствував нов наплив на ентузијазам и создадов сосема поинаква перцепција за мојата иднина како спортистка. Најмногу уживавме додека игравме заедно, не ни значеше која од каде доаѓа – покажавме колку е моќна тимската работа, поддршката и истрајноста“, вели Далила Комарица од Сараево, тренер во женскиот фудбалски клуб „Респект“. Таа истакнува дека „целта на овој фестивал не е само да се победи, туку и да се ужива на теренот и надвор од него“. 

Клубот „Респект“ е еден од деветте клубови што учествуваа на фестивалот. Фестивалот го организираше иницијативата „Да играме заедно“ и по неколку години одржување во Виена, тој за првпат се одржа во Босна и Херцеговина. Организацијата на фестивалот беше во соработка со иницијативата „ФерПлеј“, која работи во рамките на Институтот за меѓународна соработка и развој во Виена. 

„Фестивалот нѐ научи на вредни лекции. Научивме дека победата не се состои само во резултатот, туку и во процесот на учење, работа и растење. Фестивалот ни покажа од колкаво значење се охрабрувачката средина и позитивната атмосфера. ФФД несомнено има големо влијание врз развојот на младите спортистки и нивните тренери“, вели Далила. 

Едита Чаврк, ученичка во средното медицинско училиште во Сараево, е членка на женскиот фудбалски клуб „Респект“. 

„Секое девојче се чувствуваше слободно да проба нешто ново на фестивалот и излезе од својата комфорна зона. Имавме работилници кои ни покажаа колку е уникатна секоја од нас и како сите придонесуваме за нашата заедница на свој начин – дека вредиме. Но најубавиот дел беше маестралноста на теренот, комбинацијата од различни стилови на игра и тоа што создадовме нешто навистина посебно. Се чувствувам посамоуверено и се надевам дека ќе можам го применам наученото како спортистка“, изјави Едита за „WeBalkans“. Таа нагласува дека со душа го чека следниот фестивал. 

Членката на организациониот тим, Мирна Храповиќ од иницијативата „Да играме заедно“, објаснува дека претходните години на фестивалот учествувале тимови од целиот Западен Балкан – Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Хрватска и Косово, и се надеваат дека и во иднина ќе продолжи оваа традиција. Годинава Сараево беше домаќин на девет екипи од Босна и Херцеговина (Зеница, Орашје, Горњи Вакуф, Пале) и Црна Гора (Бјело Поље, Беране и Подгорица), со 150 учеснички, од кои повеќето беа спортистки на возраст од 13 до 15 години. 

„Според досегашното искуство, оваа возраст е идеална за работа, бидејќи се наоѓаат на крстопат во животот – покрај тоа што веќе размислуваат за нивната иднина во спортот, тие се и доволно зрели за да ги разберат концептите што им ги пренесуваме за време на работилниците за човекови права, односно за дискриминација, родова еднаквост, ментално здравје и друго“, вели Храповиќ. Таа нагласува дека иницијативата „Да играме заедно“ се залага сето тоа што го прави да има пошироко влијание и дека спортот го гледа како алатка за општествена преобразба. 

„Идејата е учесниците да се сретнат, да ги срушат предрасудите и да ги надминат прашањата како тоа дали фудбалот е игра за девојчиња. Од година во година, гледаме дека иако на почетокот можеби се воздржани, после првите активности играат како да се познаваат отсекогаш“, вели Храповиќ, напоменувајќи дека некои од девојчињата дури и продолжиле да играат за нивните национални тимови по учеството на претходните фестивали.  

Во Сараево играа 11 девојчиња на возраст од 12 до 14 години од три клуба од Црна Гора. Еден од женските тимови беше од „Академија Беране“ и постои само шест месеци. 

„Атмосферата беше фантастична и тешко е да се издвои во што најмногу уживаа девојчињата, но би ја истакнал структурата на турнирот, каде што сите клубови беа измешани, каде се создаваа нови тимови и пријателства. Овој фестивал им помага на девојчињата да сфатат колку вредат, да разберат дека фудбалот нуди многу и да станат свесни дека иднината на женскиот фудбал во Црна Гора и Босна и Херцеговина е во нивните раце“, вели Александар Раковиќ, тренерот на „Академија Беране“. Клубот се надева дека следниот фестивал ќе се одржи во Црна Гора и со нетрпение очекуваат да бидат домаќини на пријателите од Босна и Херцеговина.  

Европската Унија истакнува дека е посветена на родовата еднаквост во сите аспекти на животот, вклучително спортот. 

„Женскиот фудбал станува сè попопуларен, но девојчињата и жените во фудбалот сè уште се соочуваат со препреки во овој спорт, особено во споредба со машкиот фудбал. Меѓутоа, ЕУ финансира голем број иницијативи за зголемување на бројот на жените во спортот, вклучително спортските награди на ЕУ #BeInclusive, иницијативата „HealthyLifestyle4All“ и програмата „Еразмус+ спорт“. „Се гордееме што го финансиравме првиот Фудбалски фестивал за девојчиња во Босна и Херцеговина, бидејќи оваа иницијатива промовира еднакви можности, придонесува кон уривањето на стереотипите и им помага жените да имаат пристап до спортот како мажите“, вели Фердинанд Кениг од Делегацијата на ЕУ во БиХ. 

Судејќи според фестивалот и останатите тековни заложби, иднината на женскиот спорт се движи во добар правец. Олимпискиот комитет на Босна и Херцеговина додели стипендија од 100.000 американски долари за поддршка на женската кошаркарска репрезентација на Босна и Херцеговина, а следната стипендија ќе биде наменета за женската рагби репрезентација. Во меѓувреме, иницијативата „Да играме заедно“ најавува дека ќе продолжи да го поддржува формирањето нови женски фудбалски клубови. 

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.