План за раст на ЕУ за Западен Балкан – Економски развој и можности за сите | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

План за раст на ЕУ за Западен Балкан – Економски развој и можности за сите

14 Мај 2025

Планот за раст за Западен Балкан претставува понуда од Европската Унија за земјите-кандидатки за членство во ЕУ (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија), со цел да се забрза нивниот процес на пристапување. Планот предвидува побрза интеграција во Единствениот пазар на ЕУ, а истовремено бара да се зајакне регионалната економска соработка, што се очекува да доведе до забрзана социоекономска конвергенција со Европската Унија. За да се поддржат овие реформи обезбеден е фонд од 6 милијарди евра, од кои 2 милијарди евра се грантови и 4 милијарди евра се концесиски заеми. Предуслов за финансирањето е да се спроведат одредени реформи и да се усогласи националното законодавство со правото на ЕУ.

Се проценува дека спроведувањето на Планот за раст би можело значително да ги забрза реформите, што потенцијално би довело до удвојување на економиите во регионот следната деценија.

„Планот за раст не влијае врз тековните процеси на пристапување, ниту врз специфичните услови за пристапување, особено кога станува збор за фундаменталните принципи. Заедничкиот регионален пазар е иницијатива договорена од лидерите на Западен Балкан за време на самитот на Берлинскиот процес во Софија во 2020 година. Овој пазар, заедно со придружниот акционен план, има за цел да овозможи слободно движење на стоки, услуги, капитал и луѓе ширум регионот,“ како што е наведено во Планот за раст, при што се истакнува дека „брзината е клучна“ и дека планот има за цел да му помогне на регионот да се насочи кон заедничката европска иднина и да ги надмине билатералните предизвици што го забавуваат напредокот.

Ади Ќеримагиќ, аналитичар при Европската иницијатива за стабилност, објаснува дека ЕУ се обидува однапред да им обезбеди на земјите-кандидатки за членство одредени придобивки кои инаку доаѓаат со самото членство.

„Една од компонентите е дополнително финансирање со цел да се намали јазот меѓу средствата што ги добиваат земјите-членки на ЕУ и оние што им се достапни на земјите-кандидатки. Сепак, ова финансирање е условено со поднесување детален план за реформи, кој освен владеење на правото и економски реформи, опфаќа и други области како јавната администрација и реформа на јавните набавки – зависно од потребите на секоја земја. Друг клучен елемент се претпристапните бенефиции, со очекување дека земјите-кандидатки ќе усвојат законодавство и изградат институции што ќе им овозможат да функционираат како да се веќе членки. Добар пример е СЕПА, што им овозможува на банките од земјите-кандидатки да вршат трансакции во евра без дополнителни трошоци, како да се дел од ЕУ, но за тоа е потребно усогласување на националното законодавство и банкарската регулатива“, објаснува Ќеримагиќ, нагласувајќи дека суштината на Планот за раст е да им понуди на земјите-кандидатки повеќе финансиски средства и можности за економски развој и за нивните граѓани, според темпото со кое ги спроведуваат реформите.

Професорката Лејла Рамиќ-Месиховиќ од Катедрата за меѓународни односи при Меѓународниот универзитет „Бурч“ вели дека ова претставува значајна можност.

„Планот за раст претставува одлична можност за зајакнување на Заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан и за негово постепено поврзување со Единствениот пазар на ЕУ, кон кој сите сме ориентирани. Во суштина, тоа е грне со азно до кое сите имаме пристап.“

Проф. Лејла Рамиќ-Месиховиќ

Планот за раст се фокусира на седум стратешки области: слободно движење на стоки, услуги и работна сила; пристап до плаќања во евра; олеснување на патниот транспорт; декарбонизација и интеграција на енергетските пазари; создавање заеднички дигитален пазар; и интеграција во индустриските синџири на снабдување. Некои од можностите опфаќаат нови шанси за вработување, бесплатен пристап до безжичен интернет на јавни места, побрзи и поповолни трансакции преку СЕПА, скратено време на чекање на границите (благодарение на зелените коридори), како и дигитални хабови за стартап компаниите. За да се искористат овие придобивки, неопходно е да се исполнат неколку предуслови: усогласување на легислативата за гранична контрола, пристапување кон Конвенцијата за заедничка транзитна постапка, реформирање на системите на јавни финансии согласно стандардите на ЕУ, како и заемно признавање вештини и професионални квалификации меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ, врз основа на веќе постоечките договори за мобилност.

Планот за раст го опфаќа периодот од 2024 до 2027 година, а доделените средства ќе се распределуваат врз основа на формула што ги зема предвид БДП, големината на населението и други релевантни критериуми. Според прелиминарните проценки, Албанија би можела да добие 922 милиони евра, Црна Гора 383 милиони евра, Косово 880 милиони евра, Северна Македонија 750 милиони евра, Србија 1,58 милијарди евра, додека Босна и Херцеговина, откако ќе ја финализира својата реформска агенда, би можела да добие пристап до 1,85 милијарди евра. Најмалку 50% од вкупните средства ќе бидат насочени кон инвестиции преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), додека останатиот дел ќе оди директно до владите на земјите од регионот. Пристапот до овие средства ќе зависи од степенот на напредок во спроведувањето на реформските агенди на секоја земја.

Исплатите ќе се вршат двапати годишно, врз основа на апликации поднесени од владите на Западен Балкан, но само откако Европската комисија ќе потврди дека се исполнети сите услови , како макроекономска стабилност, стабилно управување со јавните финансии, транспарентност и ефикасен буџетски надзор.

Планот за раст беше усвоен на 8 ноември 2023 година, а до април 2025 година Европската комисија ги одобри реформските агенди на Албанија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Босна и Херцеговина сè уште нема добиено „зелено светло“.

Владите на Западен Балкан добија предупредување дека доколку не ги исполнат условите за исплата Европската комисија ќе ги суспендира или ќе ги задржи соодветните износи. Понатаму, земјите кои нема да ги спроведат предвидените реформи во рок од една до две години ќе бидат обврзани да ги вратат добиените средства, кои потоа ќе се прераспределат на заслужните земји.

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.