Од криза до можност: Нова ера за трговијата на Западен Балкан | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Од криза до можност: Нова ера за трговијата на Западен Балкан

24 Фев 2025

Во екот на пандемијата на КОВИД-19, границите станаа тесни грла, загрозувајќи го протокот на основните производи и доведувајќи ја во ризик егзистенцијата на милиони луѓе. Синџирите на снабдување беа под огромен притисок поради доцнењата, а бизнисите се соочија со значителни загуби. Сепак, среде оваа криза се појави иновативно решение – иницијативата „Зелени коридори“. 

Развиени преку соработка помеѓу Транспортната заедница, ЦЕФТА и Европската Унија, иницијативата „Зелени коридори“ не беше само привремена мерка, туку и смела визија за подобро поврзување – заснована на модернизација, дигитализација и засилена соработка. Со што резултираше таа? Се заштедија речиси 20 години чекање на границите и се создаде поцврста трговска мрежа. 

 

Приказна за трансформацијата 

За Матеј Закоњшек, директор на Транспортната заедница, иницијативата „Зелени коридори“ вроди со значајна промена. „Камионите како овој некогаш чекаа предолго на граничните премини низ Западен Балкан, што негативно се одразуваше на трговијата, емисиите на CO2 и безбедноста на патиштата“, истакнува тој. 

Благодарение на поддршката од ЕУ, сега сме сведоци на пократко време на чекање, модернизирани гранични премини и побезбедни патувања. Ова носи вистинска вредност за нашите граѓани, бизниси и посетители на овој прекрасен регион

Матеј Закоњшек, директор на Транспортната заедница

Овие промени не се сведуваат само на ублажување на логистичките препреки. Иницијативата „Зелени коридори“ станаа симбол за тоа што може да се постигне кога ќе се унапреди регионалната соработка. Владите, царинските управи и бизнисите здружено дејствуваа, покажувајќи ја силата на колективното дејствување за надминување на заедничките предизвици. 

 

Визија за иднината   

Градејќи врз докажаниот успех, иницијативата „Зелени коридори“ продолжува да се развива, продлабочувајќи ја поврзаноста на Западен Балкан со Европската Унија и модернизирајќи ги најважните гранични премини. Дигиталните иновации, како системот „SEED+“ и програмата „Овластен економски оператор“ (ОЕО), значително ги поедноставуваат царинските процеси, го намалуваат времето на застој и ги редуцираат трошоците. Договорите меѓу земјите – како договорите меѓу Хрватска и Црна Гора, Италија и Албанија или Грција и Северна Македонија – се јасен показател за тоа како зелените коридори стануваат мост кон единствениот пазар на ЕУ. 

Како што вели Данијела Гачевиќ, вршителка на должноста директорка на ЦЕФТА: „Воспоставувањето зелени коридори меѓу регионот и ЕУ е вистинска пресвртница. Тоа ја прави трговијата побрза, поевтина и побезбедна, создавајќи повеќе можности за бизнисите и граѓаните.“ 

Истовремено, со инвестиција од 50 милиони евра, 11 прометни гранични премини се модернизираат со нова инфраструктура, дигитални системи и засилени безбедносни мерки. Овие подобрувања опфаќаат дополнителни ленти, колски ваги и електронски системи за редиците возила што чекаат, што значително го забрзува и поедноставува преминувањето на границите. 

Од перспектива на бизнис заедницата, Стевица Чарапиќ истакнува дека справувањето со неефикасноста на границите е неодложно. „Најголемиот предизвик со кој се соочуваме денес е огромното време на чекање на граничните премини. Оваа неефикасност не се одразува само на одредени земји, туку и на конкурентноста на целиот регион. Со иницијативата „Зелени коридори“, се надеваме дека ќе видиме значителни подобрувања во поглед на протокот на товар и соработката меѓу владите за да се намали застојот и да се поедностават процесите“. 

Тој истакнува и дека, во некои случаи, редиците се протегале и до 15 километри, а возачите чекале со денови да поминат граница. „Ова не е само логистички проблем; тоа е препрека за сите во регионот“, додава тој. 

Пристап насочен на човекот   

Иницијативата „Зелени коридори“ не им носи придобивки само на бизнисите – таа има директно влијание и врз секојдневниот живот на луѓето. Професионалните возачи сега минуваат помалку време во чекање и повеќе време на пат, што го намалува стресот и ја зголемува безбедноста. Патниците се соочуваат со помал застој, со што нивните патувања се попријатни и поефикасни. Локалните заедници ги чувствуваат позитивните ефекти од зајакнатите економии и зголемените можности за вработување. 

Како што истакнува Матеј Закоњшек: „Со модернизираните премини, не само што го скратуваме времето на чекање, туку и создаваме побезбедна и поефикасна средина за сите. Ова е најдобриот начин да се додаде вредност на нашиот регион.“ 

 

Следни чекори  

Успехот на иницијативата „Зелени коридори“ сведочи за моќта на партнерството. Приказна е за отпорноста и иновацијата, која покажува дека кризите можат да бидат катализатори за трајни и позитивни промени. Додека трае соработката помеѓу Западен Балкан и ЕУ, визијата за беспрекорно поврзување и заеднички просперитет сè повеќе станува реалност. 

Со вложување во дигитализацијата, модернизацијата и регионалната соработка, иницијативата „Зелени коридори“ го трасира патот кон посветла иднина. Не станува збор само за логистичко подобрување, туку и чекор напред кон поцврсто единство, економски раст и нови можности за идните генерации.

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.