Новите Европски дигитални иновациски хабови ја поттикнуваат дигиталната трансформација ширум Западен Балкан | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Новите Европски дигитални иновациски хабови ја поттикнуваат дигиталната трансформација ширум Западен Балкан

14 Мај 2025

Во јануари 2025 година, мрежата на Европските дигитални иновациски хабови (ЕДИХ) се прошири со нови хабови низ целиот Западен Балкан.

Проширувањето на мрежата е дел од поширокиот План за раст на ЕУ за Западен Балкан, со цел да му се помогне на регионот да се интегрира во Единствениот дигитален пазар на ЕУ. Со приклучувањето кон мрежата на ЕДИХ, корисниците од регионот на проширување добиваат можност за ран пристап до дигитални алатки, платформи за споделување знаење и финансирање — и тоа уште пред да станат формално членки на Европската Унија. Овие придобивки ќе бидат конкретни и видливи, особено за малите и средните претпријатија, стартапите и јавните институции коишто се стремат кон дигитална и зелена трансформација.

„Им помагаме на државните институции и компаниите да користат дигитални алатки што решаваат конкретни проблеми, како на пример стриминг сервиси со кои ќе се овозможи пристап до нови пазари. Го олеснуваме и поврзувањето и прекуграничната соработка, токму што е всушност и целта на Единствениот дигитален пазар“, вели проф. д-р Славица Томовиќ, доцент на Електротехничкиот факултет при Универзитетот во Црна Гора. Овој развој претставува значаен чекор на заложбите на Европската Унија за дигитална трансформација на регионот на проширување и отвора нови, возбудливи можности за локалните компании, државните институции и стартапи да станат дел од просперитетниот европски дигитален екосистем.

Европските дигитални иновациски хабови (ЕДИХ) функционираат како едношалтерски центри за компаниите и државните институции, помагајќи им да се справат со дигиталните предизвици и да ја зголемат својата конкурентност. Тие обезбедуваат широк спектар на услуги – од пристап до техничка експертиза, обуки и развој на дигитални вештини, до совети за финансирање и можност за „тестирање пред инвестирање“ во нови технологии. Покрај тоа, хабовите активно ја поддржуваат зелената транзиција, овозможувајќи имплементација на одржливи и циркуларни дигитални решенија.

Поддржани од програмата „Дигитална Европа“, ЕДИХ се кофинансирани – 50% од програмата „Дигитална Европа“, а преостанатите средства доаѓаат од национални, регионални или приватни извори. Тие се со јасна мисија ниту еден регион да не биде изоставен во дигиталната ера.

Во Северна Македонија, ИНОФЕИТ ЕДИХ е првиот официјален Европски дигитален иновациски хаб во земјата. Изграден врз цврстите темели на ИННОФЕИТДИХ, тој ги обединува академските институции, индустријата, деловните здруженија и јавните чинители. Следните четири години, ИНОФЕИТ ЕДИХ ќе обезбеди бесплатни дигитални услуги во вредност од 2 милиони евра за малите и средните претпријатија и за државните институции, преку основни услуги што ги нуди.

„Во денешниот брзорастечки дигитален свет, следењето на најновите технологии е клучно за успехот на компаниите и државните институции. Интеграцијата на Северна Македонија во мрежата на Европските дигитални иновациски хабови преку ИНОФЕИТ ЕДИХ претставува единствена можност за малите и средните претпријатија и јавните организации да ја зајакнат својата конкурентност и да придонесат кон општествениот напредок“, истакнува Димитар Ташковски од ИНОФЕИТ, Северна Македонија.

Во Косово, конзорциумот што управува со проектот „Порта за дигитална иновација во Косово“ (DIG-4K) го сочинуваат неколку чинители што ги претставуваат граѓанското општество, приватниот сектор и академскиот сектор, Паркот за иновации и обука (ИТП) како водечки партнер и „Едутаск“; Иновативниот центар „Мејкерспејс“ во Призерн, Универзитетот за бизнис и технологија (УБТ), Универзитетот „Укшин Хоти’, „КВАНТИКС“, „АЛТ ШПК“, „КАКТУС Едукација“, како партнери за имплементација, и Министерството за економија на Косово и Косовската истражувачка и образовна мрежа (КРЕН) како придружни партнери.

„Интеграцијата на Косово во мрежата на Европските дигитални иновациски хабови (ЕДИХ) нуди трансформативна можност за компаниите, образовните институции и засегнатите страни од јавниот сектор. Преку проектот „DIG-4K“, корисниците ќе добијат пристап до експертиза, ресурси и финансирање, што ќе доведе до забрзување на дигиталната трансформација“, вели Арсим Ниманај од ГИЗ Косово, притоа давајќи конкретни информации за тоа како корисниците можат да имаат корист од ова членство, „Консултациите ќе им помогнат на бизнисите и институциите да развијат и спроведат дигитални стратегии, да ги оптимизираат процесите и да ја зголемат својата конкурентност. Академијата за дигитални вештини ќе понуди обуки, сертификации и практични работилници со цел да се премости јазот во вештините и да се подготви работната сила за иднината. Лабораторијата за пристап и тестирање на технологија ќе овозможи простор за иновации, развој на прототипови и експериментирање со технологии како што се вештачка интелигенција, сајбер безбедност и зелени технологии. Финансиската и инвестициската поддршка ќе ги насочи корисниците кон соодветни извори на финансирање за развој и одржливост на нивните проекти. А преку меѓународно вмрежување, ќе се овозможи пристап до глобални пазари и партнерства, дополнително зајакнувајќи го дигиталниот екосистем на Косово. Понатаму, заложбите за скалирање и одржливост ќе обезбедат долгорочно влијание преку зголемена видливост, проширување на пазарот и континуирана евалуација“, заклучува Ниманај.

Дигиталната трансформација, од земјоделството управувано од вештачка интелигенција до паметните јавни услуги, поддржана од хабовите коишто сега се дел од мрежата на ЕДИХ, ќе стимулира инклузивен раст, одржливост и ќе го подготви регионот за работата и бизнисите во иднината.

За локалните организации во Западен Балкан, приклучувањето кон мрежата на ЕДИХ значи станување дел од европското движење за иновации, ефикасност и одржливост.

Повеќе информации за Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан можете да прочитате овде.

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.