Мајсторство зад кулисите: Градење врски и преобразба на театарот зад сцената | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Мајсторство зад кулисите: Градење врски и преобразба на театарот зад сцената

24 Фев 2025

„Искуството беше навистина интензивно и возбудливо. За време на петте дена, добивме навистина корисни и практични информации за многу нешта, од процесот на конципирање композиции и звуци кои се дел од театарска изведба, до практичната употреба на апликации и веб-страници за создавање и монтажа на разни композиции“, изјави Белкиса Желегу, студентка по актерска игра од Тирана, за нејзиното учество на мастеркласот „Дизајн на звук“, којшто го предаваше Алесандро Ола на 2 март 2024 година во Белград.  

Овој мастерклас е еден од трите организирани мастеркласови наменети да го подобрат квалитетот на работата зад сцената во театрите ширум Србија, Косово и Албанија, во организација на програмата „Мајсторство зад кулисите“ („Beyond Stage Mastery“), поддржана од Британскиот совет преку проектот „CC4WB“ финансиран од Европската Унија, кој има за цел да го поттикне дијалогот во Западен Балкан во културните и креативните сектори, за да се зголеми социоекономското влијание. 

Се ангажираат професионални тон-мајстори, светло-мајстори и видео-техничари, а истовремено се поттикнува дијалог и соработка меѓу младите уметници и професионалци од Западен Балкан, во прилог на двојната мисија на програмата „Мајсторство зад кулисите“. 

Водени од врвни светски професионалци од индустријата, како што се Луиџи Бонди (дизајн на осветлување), Алесандро Ола (дизајн на звук) и Лазар Николиќ (видео-техника), работилниците покрај тоа што понудија пристап до техничка експертиза, создадоа и амбиент на заедништво и културно прифаќање. 

Бонди, којшто е реномиран експерт за осветлување и професор на Националната академија на уметности „Силвио Д’Амико“, на прашањето за неговото искуство во Белград, изјави: „Наставата секогаш претставува одлична можност за соочување. Додека предавам и самиот јас учам, и тоа од луѓе со различно искуство, возраст и потекло. Од студентите кои ги запознав на мастеркласот во Белград, имав можност да научам повеќе за земји како Косово, Србија и Албанија, како и да запознаам инспиративни луѓе“.  

Г-ѓа Желегу има впечаток дека покрај обуките и предавањата, работилниците им понудија на учесниците и можност да се поврзат и да разменуваат искуства меѓу себе: „Во групата инспиративно се поврзавме и отворивме можност за блиска идна соработка во областа на уметноста. Нашата група беше разнолика, со учесници од Албанија, Косово и Србија, а страста за театарот ни беше поголема од сè, и во еден момент сите се почувствувавме како да сме нишка од уметноста“. 

Проектот беше корисен и за менторите, како што потврди Бонди, кој вели дека неодамна почнал да оди на театар во Сараево. Благодарение на размената што ја имал со студентите за време на мастеркласот, сега подобро го разбира театарот. „Иако материјалните средства и опремата се ограничени, не недостасуваат креативен наплив и моќна енергија, не само во театарот туку и општо во уметничките дисциплини. Имам впечаток дека во регионот на Западен Балкан, уметноста се почитува токму поради тоа што навистина е – моќен двигател на социокултурниот развој“, вели Бонди. 

Проектот „Мајсторство зад кулисите“ покрај тоа што има за цел да се отворат повеќе можности за подобро да се претстави сцената на Западен Балкан во Европа, туку и, што е најважно, има за цел да се оснажат локалните уметници и професионалци, како и да се зацврстат нивните врски преку создавање можности за тесна соработка и размена на знаења и искуства. 

Учесниците во проектот ќе имаат можност да учат набљудувајќи ја работата на вработените во некој од театрите во регионот на Западен Балкан, со тоа што тие ќе престојуваат во некоја од трите земји којашто не е нивната, што пак дополнително ќе придонесе за нивниот професионален и личен раст и ќе им овозможи подобро да ја разберат културата на земјата во која ќе гостуваат и работат.  

Во рамките на проектот се изготвија три прирачници за неформална настава за дизајн на звук, светло и користење видео-опрема за театар, кои ќе се дистрибуираат до националните и независните театри во земјите опфатени во проектот, што ќе обезбеди одржливост на проектот и откако тој официјално ќе заврши. 

Иако театарската магија најчесто се случува на самата сцена, вистинското мајсторство се крие во врските што ги градиме и во лекциите што ги учиме зад кулисите. Во оваа иницијатива не се важни единствено техничките капацитети – туку, исклучително важно е и оснажувањето на уметниците и зацврстувањето на врските и дијалогот меѓу луѓето. 

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.