Младите европски амбасадори заземаат активна улога во фестивалот „EXIT“
Младите европски амбасадори заземаат активна улога во фестивалот „EXIT“
Во рамки на овогодинешниот фестивал „EXIT“ во Нови Сад, Србија, младите европски амбасадори (Young European Ambassadors (YEAs)) организираа и зедоа учество во серија активности со цел промоција на вредностите на ЕУ; запознавајќи други култури и придонесувајќи за дискусија за важни современи теми.
Првиот фестивалски ден беше посветен на запознавање на нивните врсници од Западен Балкан и остатокот од Европа, разменување идеи, споделување искуства и ставови. Младите европски амбасадори имаа прилика да ги информираат посетителите за тоа што нуди ЕУ и за нејзините политики. Меѓу интервјуираните посетители имаше членови на организациите на граѓанското општество и останати активисти за општествени и еколошки прашања.
Според посетителите, клучните теми за кои ЕУ би требало да се ангажира се рециклирањето, побројни можности за вработување за дипломците, борба против глобалното затоплување и употреба на нуклеарна енергија, права на имигрантите, важноста за посвојување деца во хомосексуалните бракови, и животната средина – особено јаглеродното согорување во ЕУ и спонзорирањето иновации за креирање обновлива енергија. Севкупното мислење беше дека граѓаните можат и треба да делуваат поактивно во решавањето на овие прашања; вклучително и во придонесот за зголемување на инклузијата на ранливите општествени групи, изјаснувајќи се за кршењето на човековите права и, општо, преку поголема општествена активност.
Посетителите споделија иницијативи и во секојдневниот живот, но, исто така, и за време на фестивалот „EXIT“, за зачувување на животната средина. Дел од активностите кои ги предложија вклучуваат волонтирање за расчистување на парковите и соседствата, како и едукација на децата во училиштата за можните начини за рециклирање.
Првите асоцијации поврзани со ЕУ вклучуваат демократски политики, мир, еднаквост, правда, човекови права, и фондови на ЕУ наменети за уметниците. Повеќето од интервјуираните изјавија дека веќе учествувале во образовните програми на ЕУ или, пак, познаваат некој кој учествувал во нив. Тука спаѓаат сесиите на Европскиот младински парламент на коишто се дискутира за проблемите со кои се соочува младината во Европа, ЕРАЗМУС+ проекти и останати проекти поврзани со уметници и култура, финансирани од ЕУ.
На крајот од интервјуата, учесниците им поделија пораки на младите од Западен Балкан за иднината на ЕУ. Три од најважните беа:
„Биди учтив кон природата, постарите и децата, бидејќи секој цени учтив гест“, „Европската Унија беше создадена за зачувување на мирот во Европа; особено помеѓу Франција и Германија. Иднината на Унијата е спречување на војни како таа во Украина“, „ЕУ донира многу финансиски средства; искористи ги“.
Во текот на четирите дена поминати на тврдината Петроварадин, уживајќи во одлична музика и разноликост, младите европски амбасадори уште еднаш покажаа дека вредностите на ЕУ се хумани вредности, дека Западен Балкан е дел од културата на ЕУ и дека ЕУ не претставува само иднина на регионот, туку и негова сегашност.