Започна изградбата на далноводот Северна Македонија-Албанија
Започна изградбата на далноводот Северна Македонија-Албанија
На 17 февруари започна изградбата на 400 кV далновод кој тргнува од „Битола 2“ трансформаторската станица и ги поврзува електропреносните системи на Северна Македонија и Албанија. Проектот има исклучителна регионална, стратешка и капитална вредност бидејќи го заокружува процесот на поврзување на Северна Македонија со електропреносните системи на сите соседни земји, како дополнување на петте постоечки 400 kV интерконекции кои се веќе оперативни – две конекции со Грција и по една со Бугарија, Косово и Србија.
Овој далновод е дел од поголем капитален проект од 50 милиони евра наменет за реализација на интерконекцијата Северна Македонија-Албанија, вклучувајќи ја и изградбата на трансформаторската станица близу Охрид која започна во август, како и проширувањето на „Битола 2“ 400/110 kVтрансформаторската станица. Во контекст на целиот синџир на електрична енергија исток-запад, интерконекцијата Битола-Елбасан е клучната алка за преносот на електрична енергија од Бугарија преку Северна Македонија и Албанија до Италија.
Новиот далновод ќе обезбеди подобро и поевтино снабдување со електрична енергија за жителите и бизнисите во Северна Македонија преку нормализирање на напонските нивоа, стабилизирање на протокот на оптоварување и фреквенциски флуктуации, како и намалување на техничките загуби во целокупниот преносен систем. Овој проект на Инвестициската рамка за земјите од Западен Балкан (Western Balkans Investment Framework) се очекува да биде комплетиран во 2023.
Извор: WBIF
Автор на фотографија: WBIF