Фон дер Лајен ја завршува турнејата низ Западен Балкан со јасни пораки за реформи, дијалог и економска интеграција

Фон дер Лајен ја завршува турнејата низ Западен Балкан со јасни пораки за реформи, дијалог и економска интеграција
Заврши повеќедневната посета на Западен Балкан на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на која таа уште еднаш ги истакна посветените заложби на ЕУ за европската перспектива на регионот и Планот за раст вреден 6 милијарди евра. Во Тирана, таа се обрати на Форумот за инвестиции ЕУ–Западен Балкан, истакнувајќи конкретни чекори за приклучување кон Единствениот пазар на ЕУ и го поздрави приклучувањето на Албанија, Црна Гора и Северна Македонија кон Единствената област за плаќање во евра – СЕПА, што ќе им овозможи на граѓаните и бизнисите побрзи и поевтини трансакции во евра. Во Црна Гора, Фон дер Лајен го пофали напредокот во владеењето на правото и дигиталната трансформација, и ја потврди првата исплата од 8 милиони евра преку Инструментот за реформи и раст – почетна транша во пакет кој може да достигне над 380 милиони евра, зависно понатамошното спроведување на реформите.
Нејзините посети на Босна и Херцеговина, Србија и Косово испратија јасни политички пораки, покрај економската димензија. За време на посетата на Сараево, Фон дер Лајен го посети Меморијалниот центар „Сребреница“ и се сретна со државното раководство, при што истакна дека сеќавањето и одговорноста се нераскинлив дел од европските вредности, како и дека континуираните реформи и понатаму се клучни за напредокот на државата на нејзиниот пат кон ЕУ. Таа во Белград повика на забрзано спроведување на правните реформи и подобра усогласеност со надворешната политика на ЕУ. Нагласи и дека е потребно да се постигне конкретен напредок во дијалогот со Косово, кој се одвива со посредство на ЕУ, истакнувајќи дека реформите ќе отворат пристап до нови инвестиции и можности преку Планот за раст. Во Приштина, Фон дер Лајен ја потврди долгорочната заложба на ЕУ за европската перспектива на Косово. Таа повика да се намалат тензиите, да се зајакнат институциите и да се исполнат договорените обврски, за да може Косово во целост да ги искористи инструментите и мерките што ги нуди Планот за раст.
Во Скопје, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен истакна дека „следниот и единствен чекор“ пред отворањето на пристапните преговори е усвојувањето на договорената уставна промена – „Топката е кај вас. ЕУ е подготвена“, изјави таа по средбите со претставниците на Владата. Политичката порака беше придружена со конкретни резултати во рамките на Планот за раст: отворање „Фабричка антена за вештачка интелигенција“ (АИФА) во Скопје, што ќе ги поврзе иноваторите од Северна Македонија со ресурси за вештачка интелигенција, со поддршка од ЕуроХПЦ; приклучување кон Единствената област за плаќање во евра – СЕПА, што ќе овозможи побрзи и поевтини трансакции во евра; и нова исплата од 16 милиони евра, како поддршка за веќе спроведените реформи.
„Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. Од сите нас зависи дали тоа ќе стане реалност.“ За време на турнејата на Фон дер Лајен, особено се истакнуваше токму оваа порака, како и конкретните чекори што веќе се преземаат — од реформи поврзани со Единствениот пазар, до отворање нови канали за инвестирање во чиста енергија, иновации и одржлив туризам, а се промовираа и мерки за намалување на трошоците и укинување на бариерите за патување, со кои ќе се олесни животот на граѓаните. Односно, се испрати јасна порака дека кредибилните реформи и дијалогот отвораат врата за пристап, финансирање и нови можности, додека регионот чекори сѐ поблиску до Европската Унија.