Повик за пријавување: до 500 општини од целиот Западен Балкан ќе добијат бесплатен безжичен интернет во рамките на Планот за раст на ЕУ

Повик за пријавување: до 500 општини од целиот Западен Балкан ќе добијат бесплатен безжичен интернет во рамките на Планот за раст на ЕУ
28 март 2025 г. – Општините ширум Западен Балкан имаат можност да се пријават за учество во иницијативата „WiFi4WB“ (Wi-Fi за Западен Балкан), која ќе обезбеди бесплатни хотспотови за пристап до безжичен интернет (Wi-Fi) за до 500 општини во регионот. Безжичните пристапни точки ќе се постават на јавни локации како плоштади, паркови, библиотеки, музеи и училишта, со што ќе се овозможи бесплатен и стабилен интернет за сите жители и посетители.
Општините кои ќе бидат опфатени во иницијативата ќе добијат целосна поддршка, вклучително набавка и поставување на опремата за безжичен интернет, интернет и одржување. Од општините за возврат се очекува да ја преземат обврската за одржување по почетниот период во кој ќе бидат финансирани, што ќе резултира со долгорочна одржливост и позитивно влијание.
Јавниот повик е отворен за сите општини од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Пријавата мора да ја поднесе градоначалникот/началникот на општината, вработен службеник во општината или член на општинскиот совет.
Иницијативата „WiFi4WB“ е дел од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој е предвидено да ја истакне дигиталната трансформација како клучен фактор за регионалната интеграција. Програмата има за цел да го намали дигиталниот јаз, да ги унапреди економските можности и да ги оснажи локалните заедници со тоа што ќе овозможи универзален пристап до интернет.
„WiFi4WB“ е дел од програмата „EU4Digital Action“, финансирана од Европската Унија (ЕУ) и Германското федерално министерство за економска соработка и развој (BMZ), а ја спроведува Германската агенција за меѓународна соработка (GIZ). По примерот на успешната иницијатива „WiFi4EU“, со која се обезбеди бесплатен безжичен интернет за речиси 9.000 општини ширум Европа, со „WiFi4WB“ оваа визија се проширува и на Западен Балкан, при што општините ќе бидат снабдени со алатки за унапредување на дигиталната инфраструктура, во прилог на одлично искуство за жителите и посетителите.
Краен рок за пријавување: 28.4.2025 г.
За повеќе информации околу тоа како да се пријавите и да станете дел од „WiFi4WB“, посетете ја веб-страницата wifi4wb.eu.