Некои навики не се менуваат: детска пасија која станува професија | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Некои навики не се менуваат: детска пасија која станува професија

Флорјан Мухај, од Албанија, преку Еразмус+ ја претворил својата детска пасија за политичките науки во професија.

SCROLL DOWN

Уште од детството, политиката била пасија на Флорјан. Додека неговите другарчиња си играле со топка, Флорјан го привлекувале вестите и политичките настани. На само 14 години, станал член на училишниот политичкиот клуб. Потоа, станал дел од училишниот одбор, а го избрале и за претседател. Со политичкиот активизам продолжил и во средно каде што промовирал акции за еколошки проблеми меѓу своите соученици.

“Можеби одредени нешта се појавуваат во раното детство и, потоа, стануваат сè посилни и посилни“, вели Флорјан. И кога, најпосле, дошол моментот за избор на факултет, Флорјан воопшто не се сомневал. Се запишал на програмата за политички науки на Тиранскиот универзитет која, според Флорјан, е “прилично нова програма“. Истата ги комбинира неговите интереси за демократизација, политичка акција и меѓународни односи.

“Бев до толку инволвиран во сиот процес, па бев убеден дека за неколку месеци ќе бидам меѓу првите студенти кои ќе ја започнат програмата. И навистина успеав!“

Флорјан Мухај

Кариерен избор

Флорјан бил одлучен дека сака кариера во доменот на носење политики и дипломатија, со посебен фокус на Западен Балкан и интеграција во ЕУ, а не на политички партии. Бил, исто така, свесен дека оваа област бара посебни знаења и вештини кои не биле целосно достапни на неговиот факултет.

Во 2017, еден од неговите професори го советувал да размисли за можноста да замине во странство на постдипломски студии по политички науки, интеграција и управување преку програмата за стипендии Еразмус+, финансирана од ЕУ.

Започнал со подготовка на документите за пријавата. “Бев до толку инволвиран во сиот процес, па бев убеден дека за неколку месеци ќе бидам меѓу првите студенти кои ќе ја започнат програмата. И навистина успеав!“, вели Флорјан, а возбудата сè уште се чувствува во неговиот глас.

Избрал да студира во Австрија. “Универзитетот во Салцбург беше, на времето, единствениот универзитет кој нудеше програма за првата година од студиите. За втората година, пак, можев да избирам од некои од партнерските универзитети во Западен Балкан; но, зарем можат тие да се натпреваруваат со Универзитетот во Салцбург?! Милион пати би го избрал“, вели Флорјан.

Нови пристапи

Со возбуда раскажува за пристапот во Салцбург. “Имаше голем избор на предмети, скоро самиот можеш да си ја составиш програмата – нешто што не се случува насекаде, а особено не на Западен Балкан каде што има фиксирана програма со само неколку изборни предмети.“

“Се вратив во Албанија со големо познавање на ЕУ, нејзините политики и теории, и огромна љубов кон Салцбург.“

Флорјан Мухај

Додека студирал во Австрија, добил прилика да посети дел од најважните институции на ЕУ во Луксембург и Брисел. За него, ова било особено продуктивна седмица затоа што можел директно да види како функционираат ЕУ и нејзините институции. “Се вратив во Албанија со големо познавање на ЕУ, нејзините политики и теории, и огромна љубов кон Салцбург и Австрија, а и со важни и долготрајни пријателства. Нестрплив бев да применам сè што научив“, вели тој.

Кариерата започна

Денес Флорјан има 25 години и работи во локалната управа во неговиот роден град; во единицата за Интеграција во ЕУ и помош од странство која е нова структура во сите општини во Албанија. Во текот на изминатите две години, работел напорно во својата општина за да ги зголеми можностите за европска интеграција. “Ко-организирав повеќе од 25 активности, со околу 1000 учесници, промовирајќи европски вредности, младински граѓански ангажман, важни светски и европски денови, информирајќи ги, на тој начин, граѓаните како за процесот на интеграција во ЕУ, така и за нејзините политики и институции“, со гордост вели Флорјан.

За програмата

Еразмус+ е програма на ЕУ која поддржува образование, обука, млади и спорт во Европа. Нејзиниот буџет изнесува 14,7 милијарди евра и овозможува прилики за милиони Европејци кои сакаат да студираат, да се обучуваат и да добијат искуство во странство.

Photo credits: Florjan Muhaj

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.