Лука Ѓоргиевски, 26 години, е член на бендот Фанк Шуи (Funk Shui) од Северна Македонија. Основан во 2010, бендот ја опишува својата музика како ‘фри флоу’ (free flow). На прашањето за тоа од каде му е инспирацијата да биде музичар, Лука одговори: “Бев вчудоневиден кога открив дека луѓето можат да комуницираат не само преку зборови. Музиката е елитна привилегија.“
“Имајќи го ова на ум, навистина го ценам дарот на музиката и се обидувам, преку неа, да ги насмеам и разиграм луѓето, а, исто така, и да ги ослободам од стравот. Луѓето, пак, го чувствуваат тоа. Да се научи ова, беше сосема случајно.“ – додава Лука.
Бендот има бројни музички записи и е добро познат во Северна Македонија и во останатите држави во Западен Балкан. Но, нивното музичко патешествие е сочинето од многу предизвици исто така. Кога го прашавме кои се овие предизвици, Лука одговори: “Поарно би било да прашате што сè не е предизвик. Предизвици има еден куп!“
Учејќи ја уметноста на бизнисот
Еден од најголемите предизвици бил деловниот аспект на нивната работа. Фанк Шуи (Funk Shui), решението за овој проблем го нашле во соработката со професионален музички менаџер. Горјана Јовановска, која работи за Password Production; компанија за музички менаџмент, објаснува дека повеќето уметници во Северна Македонија се “неедуцирани од аспект на музички бизнис“. Не знаат како да се продадат себеси ниту, пак, знаат како да работат во професионалниот музички свет. Знаат само да создаваат музика.“ – вели таа.
Password Production одлучиле систематично да се справат со овој предизвик, сè со цел да им помогнат на своите клиенти, а и на други музичари, по пат на деловна музичка едукација. Заедно со партнери од Чешка, Естонија, Грција, Полска, Романија, Србија и Словенија, стартувале проект насловен Центар за музичка размена и иновација во Централна и Југоисточна Европа (Hub for the Exchange of Music Innovation in Central and South-Eastern Europe – HEMI). Овој проект е финансиран од програмата Креативна Европа (Creative Europe) на Европската Унија.
“Проектот овозможува експертиза, стручно советување и обуки за музички професионалци во Централна и Југоисточна Европа, одговарајќи, истовремено, на тековните и идни потреби на музичкиот сектор не само во регионот, туку и ширум Европа.“ – вели Горјана.
Горјана верува дека овој проект ќе обезбеди неопходен придонес за професионалниот развој на музичката заедница. Покрај пристап до стручно советување од аспект на деловна едукација, уметниците добиваат, исто така, прилика да учествуваат на фестивали организирани од партнерските организации во сите девет земји-учеснички во проектот.
Не само за музичари
Дополнително, проектот Центар за музичка размена и иновација во Централна и Југоисточна Европа (Hub for the Exchange of Music Innovation in Central and South-Eastern Europe – HEMI), ќе го олесни објавувањето на содржини и промоција на новости, поврзувањето на надежни и познати артисти, претприемачи, промотери на фестивали, менаџери на културни настани, музички училишта и многу други, обединети во една заедничка маркетинг заедница.
Проектот започна во 2019 и ќе трае до крајот на 2023. До тогаш, проектот ќе ги поддржи музичките уметници преку креирање на платформа за нивна промоција и деловна едукација. Проектот ќе биде надополнет и од Музички иновациски инкубатор (HEMI Music Innovation Incubator) каде што музичарите ќе научат да се служат со информатички и комуникациски технологии (ИКТ) и онлајн маркетинг со цел промоција на нивната музика, како и деловен развој на нивните вештини за менаџмент неопходни за држење чекор со тековните и идни предизвици на музичката индустрија.
Па, така, додека музиката на Лука шири насмевки и ги разигрува луѓето, Горјана и нејзините колеги внимаваат како тој и неговите колеги ширум регионот да се развиваат на сигурна и цврста бизнис основа.
Photo Credits: Aleksandra Kostadinovska
Please wait while your video is being uploaded...
Don't close this window!