Заедно сме посилни: Северна Македонија ја зајакнува безбедноста против нелегалното оружје | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Заедно сме посилни: Северна Македонија ја зајакнува безбедноста против нелегалното оружје

12 Мар 2025

На крајот на јануари 2025 година, Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија доби опрема за подобрување на истрагите на местото на настанот, односно злосторството, поврзани со огнено оружје.

„Оваа опрема ќе овозможи поефикасна борба против нелегалните трговија и поседување огнено оружје, ќе обезбеди поцврста контрола врз законитоста на поседувањето мало оружје и ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните ширум Европа“, соопштија од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

По вооружениот конфликт во 2001 година, многу жители на земјата нелегално поседуваат лесно оружје. Полициските извештаи укажуваат на тоа дека овој вид оружје се наоѓа при рутинските инспекции, честопати заедно со наркотици, при тепачки, операции за криумчарење или во случаи на семејно насилство. ОБСЕ, УНДП и останатите меѓународни организации кои спроведуваат регионални проекти за подигнување на свеста за опасностите од нелегалното оружје и за зајакнување на контролните механизми за негово поседување предупредуваат дека ова оружје претставува „закана за безбедноста на граѓаните, јавната безбедност и игра значајна улога во семејното насилство, убиствата и родовото насилство, додека истовремено придонесува кон криминалот и нестабилноста ширум светот“.

Северна Македонија во меѓународните извештаи и анализи е наведена како „земја којашто е дел од рутата на нелегалната трговија со оружје“.

„Во Северна Македонија има многу оружје. Не знам дали е легално или не, но се користи и ја загрозува јавната безбедност. На пример, на свадби често се пука со пиштоли, а има и повредени жртви од заскитани куршуми. И тоа не се работи само за поединечни истрели, туку за рафали од огнено оружје кои вознемируваат цели градови. Министерството за внатрешни работи редовно организира кампањи и апелира до граѓаните, но безуспешно. Сметам дека јавноста не е сосема свесна колку нелегално оружје има во државата, но знае дека има многу и дека тоа повлекува ризици!“, изјави Сузана Николиќ, новинарка од „Куманово њуз“.

Потребата од контрола на нелегалното оружје стана уште поочигледна по масовното пукање во Црна Гора во јануари 2025 година, за време на коешто беа убиени тринаесет лица, меѓу кои и две деца.

Според проценките на анализата „Истражување на мало оружје“ од 2018 година, во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Косово има повеќе од шест милиони парчиња огнено оружје, што значи околу 30 парчиња оружје на 100 жители. Поголемиот дел, односно речиси 90% од оружјето, е во рацете на цивили, што значително го надминува глобалниот просек од околу 75%. Се смета дека помеѓу 500.000 и 1,6 милиони домаќинства во регионот поседуваат огнено оружје.

Според студијата на Центарот за контрола на мало и лесно оружје во Југоисточна и Источна Европа (СИСАК), речиси 30% од жртвите од употреба на нелегално огнено оружје се жени.

Балканската безбедносна мрежа известува дека „главната копнена рута за криумчарење оружје во регионот минува низ Србија, Хрватска, Словенија, Австрија, Унгарија и Словачка. Поморската рута до Италија тргнува од Хрватска, Црна Гора и Албанија, а постои и хибридна рута меѓу Албанија, Северна Македонија и Грција. Регионот служи и како транзитна точка за оружје од Турција, при што Бугарија е примарната влезна точка.“

Повикувајќи се на истражување на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал, експертите предупредуваат дека „по завршувањето на војната во Украина, балканските криминални групи би можеле да ги искористат воспоставените криумчарски мрежи и инфраструктура за дистрибуција на ново оружје од Истокот“.

По добивањето на опремата донирана од ЕУ, министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Панче Тошковски, изјави дека борбата против нелегалното оружје претставува врвен приоритет за Министерството за внатрешни работи.

„Имплементацијата на овој проект е од огромно значење за Министерството за внатрешни работи, со што ја потврдуваме нашата определба кон остварување на целите од „Патоказот за контрола на мало и лесно оружје“, особено кон усвојување на законската рамка за контрола на оружјето која ќе биде целосно усогласена со регулаторната рамка на ЕУ и стандардизирана во регионот, и значително редуцирање на нелегалниот проток на огнено оружје, муниција и експлозиви, како во рамките за Западен Балкан, така и пошироко“, изјави Тошковски по добивањето на донацијата.

Донацијата од 200.000 американски долари е во рамките на проектот „Зајакнување на форензичките капацитети и истражните капацитети на местото на злосторството за зајакнување на кривичната судска контрола врз малото и лесно оружје“ што го спроведува УНДП во рамките на „Патоказот за контрола на мало и лесно оружје“ во Западен Балкан, чија потписничка е и Северна Македонија. Проектот е финансиран од Мултилатералниот фонд на Обединетите нации за мало и лесно оружје во Западен Балкан, поддржан од Германија, Шведска, Холандија, Франција, Обединетото Кралство и Норвешка, со поддршка од Европската Унија. Проектот има за цел да ги модернизира форензичарите и единиците за истрага на местото на настанот во Северна Македонија, со цел да се подобри обработката на местото на настанот и собирањето докази. Ова ќе придонесе да се подобрат истрагите, ќе ја зајакне меѓународната размена на докази и ќе ја зголеми ефикасноста на системот на кривична правда. Проектот ќе придонесе кон надградување на балистичките капацитети и оперативните активности на Одделот за форензички испитувања при МВР и кон подобрување на аналитичките, техничките и истражните капацитети на единиците за истрага на местото на настанот. Дополнително, ќе се опфати и родовата перспектива со фокус на родово-базираното и семејното насилство преку обуки за родова сензибилизација за персоналот на Одделот за форензички испитувања и единиците за истрага на местото на настанот, а ќе се подобри и следењето на случаите на семејно насилство кои вклучуваат огнено оружје со наменски модул во Полицискиот информациски систем во Северна Македонија.

Донацијата опфаќа универзални и специјализирани несесери за истрага на местото на настанот, фото камери, како и компјутери и соодветна хардверска опрема што ќе се користи за обработка на местата на настанот, односно злосторството. Форензиката и истрагата на местото на злосторството играат клучна улога во системот на кривичната правда кога станува збор за случаи кои вклучуваат огнено оружје. Преку анализа на балистика, траги и отпечатоци од прсти, форензичарите и увидните екипи кои работат во овие единици обезбедуваат важни докази за да помогнат во решавањето на злосторствата, како и во спречувањето на идното потенцијално насилство.

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.