Заживување на старите традиции: Грнчарското патешествие на Велешките тинејџери | WeBalkans | EU Projects in the Western Balkans

Заживување на старите традиции: Грнчарското патешествие на Велешките тинејџери

04 Фев 2025

Прошетката низ тесните, стрмни улици на Велес, Северна Македонија, прави да се чувствувате како да патувате назад во времето. Градот, со својата калдрма и традиционалните куќи од камен, сведочи за минатото, кога цветало грнчарството. Едно од најкултните места во Велес е Сокачето на поезијата, каде што е роден славниот поет Кочо Рацин. Но, Рацин не бил само поет, тој се занимавал и со грнчарство — занает што некогаш бил сржта на градот. Неговите изработки и изработките на велешките мајстори биле толку ценети што некои парчиња успеале да најдат пат до пазарите во Западна Европа. 

Денес, грнчарството во Велес е речиси на работ на исчезнување. Сепак, благодарение на една нова иницијатива, овој занает се враќа, предводен од новата генерација млади занаетчии. Анастасија Давчева и Антонио Трајковски, двајцата на возраст од 14 години, се дел од групата што ја сочинуваат 25 ученици од Велес кои ја открија својата страст за грнчарството преку работилниците поддржани од ЕУ и УНДП. Овие работилници се во рамките на проектот „Етно креативни работилници за заживување на старите занаети“, финансиран како дел од Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD2).  

На почетокот, Антонио беше скептичен во однос на учеството на работилниците.

„На почетокот грнчарството ми се чинеше чудно, но со време стануваше сè поинтересно. Денес повеќе уживам кога создавам работи од глина отколку кога играм игри на телефонот. Грнчарството е навистина фасцинантен занает.“

Антонио Трајковски 

„На почетокот грнчарството ми се чинеше чудно, но со време стануваше сè поинтересно. Денес повеќе уживам кога создавам работи од глина отколку кога играм игри на телефонот. Грнчарството е навистина фасцинантен занает.“ 

 И на Анастасија работилниците ѝ се забавни, и таа особено ужива додека работи на грнчарското тркало и кога црта дезени. 

Овие работилници ги води Гоце Станчев, еден од последните четворица останати грнчари во Велес. Иако на почетокот беше скептичен, тој наиде на голем интерес и ентузијазам кај децата. 

„Да постигнеме барем две од 20 деца да станат грнчари, ќе биде голем успех.“ 

Гоце Станчев, грнчар

Грнчарството има длабоки корени во Велес. На почетокот од 20 век, многу велешки семејства се занимавале со грнчарство и создавале парчиња што биле прочуени надалеку, надвор од Северна Македонија. Оваа силна врска со традицијата го прави заживувањето на грнчарството уште позначајно, не само за зачувување на културното наследство на градот, туку и за неговата иднина. 

Станчев верува дека за да се сочуваат грнчарството и другите традиционални занаети неопходно е тие да се интегрираат во образовниот систем. „Има иднина во грнчарството, но потребен е поттик“, истакнува тој. „Јас и сопругата професионално се занимаваме со овој занает веќе 15 години. На пазарот има побарувачка, но недостасуваат луѓе коишто можат да ја задоволат. Јас сум жив доказ дека може да се живее од грнчарство.“ 

Оваа иницијатива во Велес е само еден од 50-те проекти поддржани од програмата ReLOaD во Северна Македонија изминативе три години. Проектите се фокусирани на оснажување на младите, промовирање на социјалната кохезија, заштита на животната средина и зачувување на културното наследство. 

За овие млади учесници, работилниците за грнчарство се многу повеќе од воннаставна активност – тие се нишка што ги поврзува со нивното културно наследство и им нудат потенцијал за идна успешна кариера. Како што вели Анастасија: „Би било убаво грнчарството да се зачува како занает, бидејќи е дел од традицијата на нашата земја.“ 

Оваа приказна сведочи како старите занаети може повторно да заживеат со ентузијазмот на младите, со ветар во грбот што ќе им го даде мудроста на оние кои со години ги одржуваат во живот овие традиции.  Тоа ни е јасен показател дека дури и во дигиталната ера, креативноста и врската со наследството продолжуваат да бидат значајни и да нè исполнуваат.

За повеќе информации за програмата ReLOaD, којашто е финансирана од ЕУ, посетете ја нејзината официјална веб-страница.

 

 

 

 

 

 

 

Please wait while your video is being uploaded...

Don't close this window!

Subscribe to the newsletter

I have read and understood the terms of the privacy statement.